About

Каролина Гочева е родена на 28ми април 1980 година во Битола.
Со музика почнува да се бави уште од детските години, а на македонската музичка сцена е позната од својата 11та година, кога за прв пат настапува на најпознатиот музички фестивал вомакедонија, Мак Фест.
Во 1992 година го издава својот прв носач на звук, тинејџерскиот албум, "Мамо пушти ме". Продолжува со настапи на фестивали надвор од Македонија и речиси од секој фестивал на кој настапува се враќа со награда. Најдраги и’ се наградите за интерпретација.

На 14 годишна возраст од страна на 12 Величенствени (македонски пандан на Grammy Awards) е прогласена за најдобар женски артист во Македонија.

Во 2000 година го потпишува својот прв професионален договор со музичко-продуцентската куќа Авалон Продукција и оттогаш нејзината кариера започнува да оди по нагорна линија.


Истата, 2000 година го издава својот прв албум, "Јас имам песна" кој наидува на одличен прием кај публиката и критичарите, што резултира со одличен тираж.
Јас имам песна е еден од трите најпродавани албуми во 2000 година во Македонија.
Поради забележителниот успех на овој албум во Македонија, издавачката куќа BK Sound од Србија и Црна Гора лиценцно го објавува "Јас имам песна" за тамошниот пазар. Во текот на летото 2000, Каролина неколку пати ја обиколува Македонија, настапувајќи во речиси сите градови.


Веќе есента 2001 година го издава својот втор албум, "Зошто сонот има крај" и уште еднаш се потврдува нејзината голема популарност и статус на мега-ѕвезда. Набрзо по објавувањето на овој албум, Каролина повторно започнува со турнеја низ Македонија и наидува на одличен прием од страна на публиката секаде каде што настапува. Како круна на сето ова се нејзините концерти во Скопје. Во април 2002 година, Каролина три пати по ред ја полни Универзална Сала во Скопје, нешто што дотогаш не му успеало на ниту еден женски музички артист.

Следува две годишна пауза, период кој Каролина го користи за сериозна подготовка на својот следен албум.
Во овој период Каролина, како убедлив победник според изборот на гледачите, публиката и жирито на националниот избор за песна на Евровизија, со песната "Од нас зависи" ја претставува Македонија на Евровизискиот фестивал во Талин, Естонија.


"Знаеш колку вредам", како трет студиски албум на Каролина, се појавува на пазарот пролетта, 2003 година. Концепциски поинаков повторно наидува на одобрување кај публиката и критиката.
Истовремено со македонското издание на територијата на поранешна Југославија под етикетата на City Records се појавува "Кад звезде нам се склопе... као некада", албум на кој се наоѓаат сите песни од "Знаеш колку вредам", испеани на српски јазик. Со овој албум Каролина и дефинитивно се вбројува меѓу најголемите музички ѕвезди на просторот на поранешна Југославија.
Овојпат промотивната турнеја ја започнува со два концерти во Универзална сала во ноември 2003 година, а завршува во август 2004 година со големите концерти во Прилеп, Гостивар, Охрид и спектакуларниот концерт во Хераклеа – Битола.


Во овој период, поради нејзината голема популарност, Каролина станува заштитно лице на Head and Shoulders, а во почетокот на 2005 година и на колекцијата Кара.


Фактот што Каролина е веќе голема музичка ѕвезда на територијата на поранешна Југославија ги привлекува најголемите музичари од овие простори да креираат песни за неа. Така, во подготовката на нејзиниот четврти студиски албум учествуваат: Дино Мерлин, Влатко Стефановски, Момчило Бајагиќ – Бајага, Ивица Бричиоски, Џибони, Калиопи, Златко Ориѓански, Младен Марковиќ, Мирко Вукомановиќ и Весна Малинова.
Албумот со наслов, "Во заборав" на пазарот во Македонија се појавува во декември 2005 година. Истовремено City Records ќе го објави овој албум со наслов "У забораву" за територијата на поранешна Југославија.
Од овој фантастичен албум како пилот синглови пропратени со видео спотови се пуштаат "Се лажам себе" и "Ова срце знае".

"Во заборав" е еден од најпродаваните албуми во Македонија на сите времиња. Со фантастичните дваесет и повеќе илјади примероци, Каролина и дефинитивно го потврдува својот статус на една од најголемите музички ѕвезди на овие простори.


Во февруари 2007 година, со песната "Мојот свет", Каролина зема учество на националниот избор за песна на Евровизија и супериорно и уверливо го освојува првото место, со што уште еднаш ќе ја претставува Македонија на изборот за Евровизија во Хелсинки, Финска.


Во јуни 2008 во соработка со авторот Златко Ориѓански, Каролина го издава својот петти студиски албум насловен како "Македонско девојче".
Овој албум, на кој се застапени 10 песни, е најпродаван албум во Македонија за 2008 година.